Раководството на МЗТ Скопје донесе популарна одлука, да ги отвори вратите на СЦ „Јане Сандански“ за петочниот дуел против Цибона во последното коло од АБА-лигата.
Математиката е јасна, МЗТ мора да слави на овој натпревар, а доколку и Борац загуби на гостувањето против Будуќност, тоа ќе значи дека македонскиот првак ќе ја заврши сезоната на претпоследното место и нема автоматски да испадне од АБА1, туку ќе игра бараж со второпласираниот тим од АБА2. Јасно е дека на избраниците на тренерот Николиќ ќе им биде неопходна голема поддршка од трибините, поради што МЗТ Скопје реши да не наплаќа влез во салата за овој натпревар.
„Нашите момци в петок (14 април), против KK Cibona (18 часот) го играат последниот меч од регуларниот дел од сезоната во АБА, во кој победата е задолжителна за да останеме во игра за опстанок во јадранската елита. За такво нешто ќе ни биде потребна вашата помош од трибините. Ова е идеална можност да покажеме колку е голема симбиозата помеѓу Аеродром и KK MZT Skopje Aerodrom, но и колку останатиот дел од градот и од Македонија верува и ужива во настапите на сино-белите кошаркари. Затоа, на Велики петок сите патишта нека водат кон „Јане Сандански“. Трибините нека бидат исполнети до крај и нека ечи песната на нашите навивачи. Заедно секогаш сме посилни, а сплотени секогаш победуваме! Ова нека биде спектакл во предвечерјето на големиот празник Велигден, голем хепенинг со заедничка радост на крајот. ВЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН“, објавија „металците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА