Новиот селектор на женската ракометна репрезентација на Црна Гора, Пер Јохансон, ги загуби нервите во финишот на натпреварот со Јапонија поради неочекуваниот пораз од 28-29 во третиот натпревар на СП во Германија. Швеѓанецот кој на две недели пред почетокот на СП го замени Драган Аџиќ на клупата на Црна Гора, жестоко протестираше на одлуката на судиите да му ја доделат напад на противникот на десетина секунди пред крај иако една од јапонските ракометарки ја врати топката на голманот во просторот од шест метри. А, по натпреварот, камерите го фатија и во жестока расправа со селекторот на Јапонија, Данецот Улрих Киркели.
Јохансон и во изјавата на данската телевизја „ТВ2 спорт“ не бираше зборови за својот колега на клупата на Јапонија.
„Да, тој е типичен Данец. Не можам да имам почит за него. Што се однесува до мене, тој може да оди поѓаволите…“ – изјави селекторот на Црна Гора.
Киркели од друга страна не реагираше на острите зборови на Јохансон.
„Не сме пријатели, но немам ништо против Пер. Се случуваат вакви работи во жарот на борбата. Ми се чини дека свесно го правеше тоа на крај и на сила сакаше да ја прекине играта. Не беше спортски од негова страна, но се случува“ – рече Киркели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА