ДеМаркус Казинс дебитираше синоќа за Њу Орлеанс, по доаѓањето од Сакраменто, но неговото доаѓање не донесе некои посериозни промени на ситуацијата во тимот, барем на почеток.
Њу Орлеанс беше прегазен на својот паркет од Хјустон со 99-129. Казинс на дебито имаше „дабл-дабл“ од 27 поени и 14 скока, додека Ентони Дејвис заврши со 29 поени и 9 скока, но нивниот ефект не помогна многу да се дојде до посакуваната победа. Против „распуканите“ кошаркари на Хјустон не се можеше.
Тимот од Тексас до победата беше предводен од новодојдениот Луис Вилијамс, кој од клупата постигна 27 поени.
Животот во Сакраменто без Казинс, пак, почна добро. Кингси славеа против Денвер со 116-100, а брилјираше 23-годишниот центар Вили Коули-Штеин кој имаше 29 поени и 10 скока. Добро се покажаа и новиот играчи кои пристигнаа од Њу Орлеанс, Бади Хилд со 16 поени, и Еванс со 15 поени.
Дербито на изминатава ноќ беше одиграно во Оукленд, каде Голден стејт славеа против ЛА Клиперс со 123-113. До крајот на третиот период Клиперси беа во игра, но тогаш следеше голема серија на Вориорси кои на крајот стигнаа до победата. Стеф Кари заврши со 35 поени, додека Остин Риверс и Џамал Крафорд на спротивната страна постигнаа по 19 поени.
Актуелниот шампион Кливленд славеше против Њујорк никс со 119-104. Ирвинг со 23 поени беше најефикасен во победничкиот тим, додека на другата страна Кортни Ли постигна 25 поени.
Во уште еден меч одигран синоќа Детроит по продолжение славеше против Шарлот со 114-108.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА