Стартот на Светското Првенство во Франција е закажан за 11 јануари, а во Исланд на осум дена пред самиот почеток на мундијалот се уште е неизвесно дали оваа селекција ќе може да смета на својот најдобар ракометар, Арон Палмарсон. Извонредниот бек повеќе од два месеци е надвор од терените поради повредата заработена при настапите за Веспрем. Тој целосно го пропушти првиот дел од подготовките на исландскиот национален тим, а дури синоќа одржал тренинг со репрезентативните колеги, по што се уште е нејасно дали Палмарсон ќе биде во можност да настапи на ова СП.
„Тој тренираше синоќа, но за жал немаме конкретен одговор дали ќе може да игра во Франција. Нема да криеме, ако Арон Палмарсон не игра, тоа ќе биде голем шок за репрезентацијата. Ситуацијата не е нова, одиме чекор по чекор, ако постои и најмала шанса Палмарсон да биде подготвен за 12 јануари (првиот меч на Исланд на СП, против Шпанија), тој ќе биде во нашиот состав. Реалноста е дека ова е трка со времето“ – изјави селекторот на Исланд, Геир Свеинсон.
Палмарсон треба да ја има улогата на лидер на националниот тим откако во последните месеци крај на репрезентативните кариери ставија Снори Гудјонсон, Александер Петерсон и Роберт Гунарсон, така што неговото евентуално отсуство ќе претставува огромен удар врз бековската линија на Исланѓаните.
Исланд е еден од противниците на Македонија во рамките од групата Б, заедно со селекциите на Тунис, Ангола, Словенија и Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА