Македонската фудбалска репрезентација утре од 20:45 часот на „Паркен“ стадионот во Копенхаген против Данска ја очекува уште еден историски бараж натпревар за пласман на свое прво учество на светско првенство во историјата.
Еден од најистакнатите македонски репрезентативци во историјата, Александар Васоски, на гостувањето на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ се потсети на своето гостување на „Паркен“, но со Вардар во квалификациите за ЛШ во 2017.
Тогаш тренер на Вардар беше токму актуелниот селектор Гоце Седлоски, а во тимот на црвено-црните беше и актуелниот репрезентативец Бобан Николов.
Васоски потенцира дека на „Паркен“, кој е со капацитет од 37.000 седишта, владее неверојатно пеколна атмосфера. Но, поранешниот македонски репрезентативец потенцира дека низ историјата многу пати е покажано дека Македонија игра многу подобро против силни селекции на гостински терен, отколку пред домашната публика.
„Игравме ние со Вардар во Копенхаген во квалификациите за Лигата на шампионите. И може да кажам дека таму владее навистина пеколна атмосфера. Меѓутоа, како што реков, тоа низ историјата на македонската репрезентација се повторува. Подобро играме на гости против посилни селекции, отколку дома со Летонија или Литванија. Низ историјата имаме резултати со големи репрезентации, со Англија, со Ирска, со Шкотска…., на кои што на гостински терен изгледаме добро, играме храбро, така да се надевам дека таква ноќ ќе биде и оваа“ – вели Васоски, и дополнува:
„Германците имаат една изрека, викаат: ‘Фудбалот е игра во која некогаш победува и подобрата екипа.’ Сакаат да кажат дека секогаш послабата екипа и тоа како, ослободена од притисокот, има шанси да победи! Таква е играта! Фудбалот е секогаш спорт кој е непредвидлив, по мене, така да ете се надеваме дека така ќе биде и во Копенхаген“.
=============================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ СО АЛЕКСАНДАР ВАСОСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

