Фудбалскиот клуб Партизан се соочува со огромна криза, а управата што долги години беше во конфликт со најверните навивачи конечно си замина од трофејниот спортски колектив.
За нов прв човек на клубот е избран Расим Љајиќ, кој за најблиски соработници ги ангажираше Предраг Мијатовиќ и Данко Лазовиќ. На денешната прес-конференција се говореше за најразлични теми, Лазовиќ обелодени дека долгот на ФК Партизан изнесува неверојатни 60 милиони евра, додека Љајиќ откри дека клубот моментно исплаќа 319 плати секој месец и дека кратењето на трошоци ќе почне што поскоро, за да се стартува со процесот на стабилизација.
Предраг Мијатовиќ секако е најзвучно име во управата на Партизан, а легендарниот голгетер ги пофали своите соработници, но и тренерот Саво Милошевиќ.
„Данко Лазовиќ е 50 пати поголем партизановец од мене, тој секој ден ќе биде овде, ќе даде се од себе за работите да тргнат на подобро. Данко ќе го понесе најтешкиот дел од товарот, а сите ние ќе работиме без да земеме плата, за доброто на Партизан. Јас зборував со Расим Љајиќ и го прашав три прашања на кои веќе ги знаев одговорите. Ми се допадна што беше стопроцентно искрен, призна дека состојбата во клубот е далеку од посакуваната. Најважно ми беше што не глумеше дека не постои проблем, затоа што човек кој е свесен за проблемот секогаш ќе бара решение за истиот. Сакам да ја почнеме оваа приказна, со искреност. Зборувавме и со Саво Милошевиќ, тој знае дека ја има нашата апсолутна поддршка. И да не беше тренер во моментов, јас ќе инсистирав да го донесеме. Не ни треба Пеп Гвардиола во моментов, туку токму Саво. Не ни треба некој генерален директор, туку човек кој најдобро ја познава оваа куќа“, истакна Мијатовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА