На ракометарите им треба полна сала: Португалците стравуваат од „скопскиот пекол“

Ракометната репрезентација на Македонија денеска го продолжува настапот во квалификациите за ЕП 2024, по стартните две победи над Луксембург и над Турција со кои пласманот на европскиот шампионат во Германија е речиси обезбеден. Претстојниот двомеч со Португалија (првиот дуел вечерва во 19 часот во Скопје, реваншот в недела во Порто) ќе одлучи која од овие две селекции ќе го освои првото место во групата, со што би добила и нешто полесни противници во ждрепката за ЕП.

Македонија се наоѓа во процес на подмладување на националниот тим, што уште повеќе се интензивира по СП во Полска, откако селекторот Лазаров реши за дуелот со Португалија да не ги повика Дејан Манасков и Гоце Георгиевски. Згора на тоа, на денот на стартот на подготовките откажаа и Талески, Пешевски и Танкоски, повреден е и Павле Атанасијевиќ, но и покрај сите проблеми, нашите репрезентативци се решени да дадат се од себе за да стигнат до позитивен резултат. Секако, за такво нешто неопходна ќе им биде и помош од публиката, која вообичаено им дава крилја на македонските ракометари на натпреварите во СЦ „Борис Трајковски“.

„Нам ни е потребна максимална поддршка од трибините. Имаме два натпревари со нив, да дадеме се од себе, се е можно. Кажавме дека со Португалија ќе се бориме за првото место во групата. Да се навратам на убавите моменти против Чешка, игравме пред полна сала, сите веруваа дека можеме да направиме нешто. Ние на овој начин растеме како тим. Секој од нас сака да ја израдува нацијата, ќе пружиме максимум како во нападот, така во одбраната.  Сепак ние сме мала нација, мора да се поддржуваме. Одиме во нагорна линија, имаме цели до кои мора да се држиме, а успехот сам ќе дојде“, оптимситички е расположен Филип Кузмановски, еден од лидерите на националниот тим.

Португалците допатуваа во Скопје со улога на фаворити, но не кријат дека „факторот публика“ е нешто што ги загрижува и што сигурно ќе биде предност за македонската репрезентација.

„Македонија е селекција што секогаш се натпреварува на највисоко ниво. Ако не одиграме онака како што знаеме, ако за момент ги потцениме, особено овде, пред нивните верни навивачи, лесно може да се случи да загубиме. Знаеме што не очекува, публиката знае да направи значајна разлика во оваа сала, што е одлично за спортот, но за нас како гостинска екипа, не толку многу. Јасно е дека тоа ќе биде предност за Македонците, но верувам дека ние ќе најдеме начин да се справиме со притисокот од трибините и ќе стигнеме до резултатот што го посакуваме“, изјави Лионел Фернандеш, левото крило на португалскиот национален тим.

Се вчитува...