Перо Антиќ може да очекува позитивен расплет на тужбата против полицијата во Њујорк, откако неговиот екс-соиграч од Атланта хоукс, Тебо Сефолоша, доби отштета од четири милиони долари завршувајќи ја правната битка по нелегалното апсење во април 2015 година. Антиќ и Сефолоша беа уапсени во близина на ноќен клуб каде што се случи посериозен инцидент и прободен беше НБА-кошаркарот Крис Коупленд, полицијата тогаш ги обвини за давање отпор при апсење, но двајцата кошаркари веднаш испратија тужби поради нарушување на нивните права.
Многу повисоки беа барањата на Сефолоша, кој при апсењето се здоби и со скршеница на ногата. Разговорите меѓу двете страни траеја со месеци, за конечно да биде договорено полицијата да му исплати на НБА-играчот четири милиони долари.
„Мило ми е што конечно го оставам сето тоа зад себе. Да бидам искрен, гледајќи како постапуваат и пукаат полицајците во другите градови ширум САД, среќен сум што денеска сум здрав и жив овде пред вас“ – изјави Сефолоша.
Случајот на Антиќ го води истиот адвокат како и на Сефолоша, Алекс Спиро, кој потврди дека тужбата од македонскиот кошаркар е ставена во процедура. Според Спиро, Антиќ поднел тужба против петмината полицајци кои учествувале во неговото апсење, а разговорите околу евентуална спогодба се во тек.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА