Сергеј Милинковиќ Савиќ е на излезна врата од Лацио, но негова следна дестинација нема да биде Јувентус како што се најавуваше, туку Саудиска Арабија. Весникот „Ла Република“ тврди дека српскиот играч за врска веќе ја прифатил понудата на Ал Хилал и се чека само на договор меѓу клубовите за овој трансфер да биде комплетиран.
Милинковиќ – Савиќ не криеше дека приоритет му е преселба во Јувентус, но финансиската криза на „старата дама“, неиграњето во Европа и намалениот буџет за засилувања го искомпликува овој трансфер. Иако новиот директор Џунтоли беше оптимист дека работата сепак ќе се заврши, Сергеј и неговиот агент Матеја Кежман во меѓувреме добиле фантастична понуда од Ал Хилал, за плата од 20 милиони евра по сезона (повеќе од три пати повисока од понудата на Јувентус).
Покрај тоа, Ал Хилал е подготвен веднаш да плати 40 милиони евра колку што бара Лацио за Србинот. Како што јавува „Република“, преговорите се влезени во завршна фаза и се очекува до крајот на денот римскиот клуб да ја прифати понудата од Саудиска Арабија и да даде зелено светло за трансфер.
Лацио планира веднаш да доведе и нов играч за врска како замена за СМС, а на врвот на листата со желби се наоѓа Зиелински, кој има уште една година од договорот со Наполи и е достапен за отштета од 25 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА