Манчестер Сити ја продолжи победничката серија во Премиер-лигата со импресивно издание на гостувањето против Брајтон (0-4), дуел што „граѓаните“ го одиграа шампионски, доминираа од почеток до крај и јасно покажаа зошто важат за главни фаворити за титулата во Премиер-лигата и оваа сезона. Неиграњето на Ерлинг Халанд повторно не беше никаков проблем за актуелните прваци, кои создадоа бројни шанси и ја наполнија мрежата на Брајтон, како најнов доказ за моќта на овој тим.
Кевин де Бруине беше играчот кој го отвори резултатот, откако Белгиецот ги изненади сите и со фантастичен гол со глава го матираше домашниот голман. Ова беше прв гол со глава на Де Бруине во Премиер-лигата во последните десет години, што само уште повеќе ги мотивираше гостите да продолжат со добра игра. Фоден беше во главна улога до крајот на полувремето, откако англискиот репрезентативец постигна два гола и практично уште во првиот дел ја осигура победата на Сити.
Триумфот беше обезбеден, но „граѓаните“ не престанаа да го диктираат темпото. Четвртиот гол беше дело на Алварез на втората асистенција на овој меч на Кајл Вокер, по што Гвардиола ги повлече од игра Фоден и Де Бруине, чувајќи ги за наредните предизвици што ќе го очекуваат актуелниот првак во трката за титулата.
Манчестер Сити сега заостанува еден бод, но има и меч помалку во однос на лидерот Арсенал. Во следното коло „граѓаните“ му гостуваат на Нотингем Форест, додека Арсенал го очекува тешко гостување против големиот лондонски ривал Тотенхем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА