Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија вчера, на затворена седница, донел одлука за проширување на Првата лига од 10 на 12 екипи. А како што вели комесарот Владо Цветковски, фаворизирање на одредени тимови нема да има. Екипите од втората лига кои во минатата сезона завршија на трето, четврто, петто и шесто место по истиот редослед ќе имаат шанса да одлучат дали ќе учествуваат во Првата лига. Тоа е клубовите Академија ФМП, КК Водњански лисици, КК Карпош соколи 2 и КК Црн Дрим.
Доколку ниту еден од второлигашите одлучи да не учествува во Првата лига, можност за учество ќе добијат КК Пелистер и КК Вардар. Има и трета опција, доколку еден клуб од горенаведените пријави екипа за Првата лига и остане само едно слободно место, КК Пелистер и КК Вардар ќе играат бараж за влез во елитата.
„Донесена е одлука да се прошири Првата македонска лига. Од оваа сезона ќе настапуваат 12 екипи, наместо 10, а за местата кои треба да се пополнат нема да има фаворизирање на одредени екипи. Предност ќе имаат екипите од Втората лига, кои минатата сезона завршија на позицијата – три, четири, пет и шест. Доколку ниту една екипа не е заинтересирана за влез во Првата лига, односно одлучи да не настапува поради одредени причини, тогаш предност за учество ќе имаат КК Пелистер и КК Вардар. Третата опција е, доколку само една од четирите можни екипи се одлучи да настапува во најелитното домашно првенство, тогаш КК Пелистер и КК Вардар ќе играат бараж, со кој ќе се одлучи кој клуб ќе има статус на прволигаш“, изјави за ЕКИПА, комесарот на МКФ, Владо Цветкоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА