Шведска се задржа во пол-позиција за второто место во групата и пласман во полуфиналето откако во директна пресметка славеше над Португалија со убедливи 40-33. Задолжени за ракометната правда денеска во Хамбург беа Начевски и Николов, македонските арбитри уште еднаш покажаа беспрекорна арбитража, водејќи го мечот без ниту една поконкретна грешка со која би влијаеле врз конечниот исход.
Голем дел од првото полувреме мина во израмнета борба, а како клучен период се покажа завршницата во која Швеѓаните од 15-14 успеаја да се одлепат и на одмор да заминат со предност од 19-15. Португалците предводени од суперталентираните браќа Коста се обида да се вратат, намалија на 21-19, но следеше серија од пет гола на актуелниот европски шампион, кој набрзина поведе со 26-19, трасирајќи си го патот до посакуваната победа.
Тулин имаше 11 одбрани на голот на Шведска, додека Пелас со 10 и Клар со шест гола беа најефикасни во нападот на победничката селекција. Кај Португалците најефикасен беше Мартим Кошта со осум гола, пред Фраде со седум и Франциско Кошта со шест погодоци.
Шведска би можела уште вечерва да го прослави пласманот во полуфиналето, доколку Норвешка во последниот меч од ова коло од групата не успее да го совлада големиот фаворит Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА