Левиот бек на Арсенал, Начо Монреал, ги предупреди своите колеги од шпанската репрезентација дека никако не смеат да го потценат македонскиот национален тим на претстојниот квалификациски меч во Скопје. „Црвената фурија“ како огромен фаворит ќе допатува во нашата земја, но избраниците на селекторот Лопетеги се свесни дека оваа улога ќе мораат да ја оправдаат на теренот на Националната Арена „Филип втори“.
„Тоа ќе биде многу важен натпревар за нас бидејќи сме израмнети со Италија по бројот на бодови и никако не смееме да си дозволиме „кикс“. Македонија е добра селекција, има квалитетни поединци и згора на тоа нема што да загуби. Сетете се само на мечот со Италија, на кој Македонците беа многу близу до победа и ќе стане јасно дека никако не смееме да ги потцениме. Свесни сме дека сме фаворити, јасно е дека имаме подобри фудбалери, но мора да дадеме 100% од себе за да стигнеме до посакуваните три бода“ – изјави Начо Монреал на денешната прес-конференција.
Пред дуелот со Македонија, шпанската национална селекција ќе одигра пријателски натпревар со репрезентацијата на Колумбија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА