Надал играше два дена за да победи на Ролан Гарос

Рафаел Надал мораше да мине два дена на терените на Ролан Гарос за да обезбеди место во второто коло од овој гранслем турнир, триумфирајќи со максимални 3-0 во сетови против Италијанецот Болели. Првиот носител вчера имаше водство од 2-0 во сетови, но при предност на Болели од 0-3 во третиот сет во Париз почна да паѓа пороен дожд, по што мечот мораше да продолжи дури денеска. Шпанецот експресно по продолжението израмни на 3-3, потоа Болели не искористи пет брејк-топки при 3-4, за на крајот сетот да се решава со тајбрејк. Италијанскиот тенисер беше на прагот до освојување на сет, но не искористи четири сет топки и на крајот Надал славеше со 11-9.

Следен ривал на главниот фаворит за титулата ќе биде Аргентинецот Пелја, кој денеска славеше со 3-0 на дуелот со Соуса од Португалија.

Џон Иснер го доби американскиот дуел со Рубин со 3-0 во сетови, а пласман во следната рунда обезбедија и Чилиќ, Андерсон и Куевас.

На женскиот дел од турнирот, Мертенс славеше над Лепченко со 2-1 во сетови, Стосур беше подобра од Викмајер, додека Мугуруза ја доби пресметката со Кузнецова со 7-6, 6-2.

Се вчитува...