Рафаел Надал без многу мака стигна до четвртфиналето на УС Опен, триумфирајќи во синоќешниот дуел против Марин Чилиќ со 3-1 во сетови. Шпанецот го доби првиот сет со 6-3, по што Чилиќ возврати со иста мера, прв загубен сет на Надал на овој гранслем турнир. Тоа беше доволно предупредување за шпанскиот ас повторно да го крене нивото на игра, да издоминира во третиот и во четвртиот сет и да слави со 6-1, 6-2.
Вториот носител има отворен пат кон финалето откако елиминиран беше и Александар Зверев, кој вчера загуби од Аргентинецот Шварцман. Токму Шварцман ќе биде ривалот во четвртфиналето на Надал, а станува збор за тенисер против кого Шпанецот досега има 7 победи и ниту еден пораз во кариерата. Потоа, во полуфиналето ќе следи пресметка меѓу подобриот од овој меч со подобриот од дуелот Монфиј – Беретини.
На женскиот дел од турнирот, бранителката на трофејот, Наоми Осака, беше елиминирана од Бенчич, Мертенс ја совлада Американката Ан, а крајот на авантурата во Њујорк дојде и за Таунсенд (претходно ја елиминираше Халеп), која загуби со 1-2 во сетови од Андрееску од Канада.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА