Рафаел Надал е на добар пат да ја потврди својата доминација на турнирите на земјена подлога остварувајќи уште еден рекорд. Имено, доколку Шпанецот слави на денешното финале на Ролан Гарос против Вавринка, тој ќе стане првиот тенисер со десет пехари од еден гранслем турнир.
„Вообичаено девет ми е омилен број во животот, но сега дефинитивно ја посакувам оваа „десетка“. Вавринка е опасен тенисер кој игра во топ-форма, ќе морам да бидам на највисоко ниво, да инсистирам на долги топки за да не му дозволам да влезе во ритам“ – истакна Надал, кој игра извонредно годинава на Ролан Гарос, без ниту еден загубен сет и со само 29 загубени гејма ќе влезе во ова финале.
На спротивната страна, Вавринка само во полуфиналето со Мареј загуби 24 гејма, но Швајцарецот секогаш игра најдобро кога е најпотребно. Впрочем, тој во кариерата стигнал до три финалиња на гранслем турнирите, при што три пати се закитил со големите трофеи, иако е свесен дека денешниот предизвик ќе биде поголем од сите останати.
„Да се игра против Надал, и тоа во ваква форма, во финале на Ролан Гарос, мислам дека не постои поголем предизвик од ова. Не е тајна дека тој е најдобар тенисер на земја на сите времиња, мотивиран е бидејќи ја брка десеттата титула овде, но јас немам намера да се предадам. Ќе дадам се од себе и ќе видиме дали тоа ќе биде доволно за да стигнам до пехарот“ – изјави Вавринка.
Надал доминира во меѓусебните дуели со 15 победи наспроти само три на Швајцарецот. Тие последен пат се сретнаа лани во Монте Карло, при што шпанскиот тенисер славеше со 2-0, додека Вавринка последната победа над Надал ја забележа во 2015 година на Мастерс-турнирот во Париз, кога на тврда подлога го совлада големиот ривал со 7-6, 7-6.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА