Роџер Федерер уште еднаш покажа зошто важи за најдобар тенисер на сите времиња, откако Швајцарецот на 35-годишна возраст стигна до својот 18. гранслем трофеј во кариерата, откако поради повреда ги пропушти последните шест месеци од ланската година. Сценариото не можеше да биде подобро, Федерер за ривал против себе го имаше Рафаел Надал, фановите во Мелбурн можеа да проследат пресметка во пет сета меѓу двајцата врвни тенисери, за на крајот ова спектакуларно финале да заврши со триумф на Швајцарецот, негов нов трофеј на Австралија опен за доказ дека во белиот спорт нема млади и стари, туку врвни, просечни и слаби тенисери.
Првиот сет мина во израмнета битка се до резултат 3-3, период во кој ниту еден од тенисерите немаше шанса за брејк. Потоа Швајцарецот го искористи краткиот пад на концентрацијата кај големиот ривал, дојде до 15-40, па потоа ја искористи и првата брејк можност што му се укажа. Во следните два гејма на свој сервис Федерер му дозволи на Надал да освои само еден поен, па швајцарскиот тениски великан заслужено поведе со 1-0 во сетови (6-4).
Шпанецот во бројни ситуации низ кариерата покажувал карактер кога било најтешко, истото беше случај и во ова финале, па Надал му возврати на големиот противник со фуриозен старт на вториот сет, поведувајќи со 4-0. Федерер направи еден рибрејк и намали на 4-2, но Надал сепак рутински го доби сетот со 6-3 и израмни на 1-1 . Шпанскиот тенисер се обиде да продолжи во ист ритам и на стартот од третиот сет, но откако не искористи три брејк шанси при 0-0 за момент ја загуби самодовербата, по што Федерер се врати во ритам и експресно го доби сетот со 6-1.
Ова финале не би претставувало „тениска класика“ ако не се играше во пет сетови, а за тоа се погрижи Надал. Шпанскиот тенисер ја доби првата шанса за брејк што му се укажа, поведе со 3-1 и потоа го контролираше резултатот се до самиот крај, израмнувајќи на 2-2. Рафа одлично го почна и решавачкиот сет, правејќи брејк при првиот гејм, но беше јасно дека Федерер нема намера да се откаже. Швајцарецот пропушти три брејк шанси при 0-1, уште една при 1-2, за да ја искористи втората при резултат 2-3 и да се врати целосно во финалето, израмнувајќи на 3-3. Најтрофејниот гранслем тенисер на сите времиња преполн со самодоверба влезе во завршницата, ја искористи петтата брејк шанса на сервис на противникот и поведе со 5-3.
Надал не се предаде и имаше 15-40, но Федерер возврати на вистински начин освојувајќи три поени во низа, пред со неизнудена грешка да ја пропушти првата меч-топка. Тој веќе во следниот поен сервираше ас, 20. во финалето, за потоа да го добие и следниот поен за огромна радост поради освојувањето на најновиот гранслем трофеј, со кој уште повеќе ќе им побегне на ривалите кои се обидуваат да го стигнат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА