Рафаел Надал се повлекува од турнирот во Квинс. Шпанскиот тенисер изјави дека мора да се одмори по долгата сезона на земјена подлога, со цел да биде подготвен за следниот гранслем, настапот на Вимблдон. Надал во неделата ја освои рекордната 10. титула на Ролан Гарос, а со овој одмор навестува дека ќе атакува на двојна круна на годинашните гранслем турнири.
„Моето тело мора да се одмори, за да бидам максимално подготвен за Вимблдон. Оваа одлука беше иницијатива на мојот доктор. Жал ми е што нема да настапам на Квинс, тој турнир ми е еден од омилените. Го освоив во 2008 година, а секогаш кога играв финале на овој турнир, обезбедував пласман во финалето и на Вимблдон“, истакна вториот светски рекет Рафаел Надал, кој го освои британскиот гранслем во 2008 и во 2010 година.
Турнирот во Квинс започнува на 19. јуни, додека Вимблдон започнува од 4. јули. Првиот светски рекет Енди Мареј ќе го брани пехарот во Квинс, додека на турнирот ќе учествуваат четворица тенисери кои се меѓу топ 10 на АТП – листата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА