Надал: Ниту најдобриот Синер не може да го победи овој Алкараз

Карлос Алкараз по две години се врати на врвот на АТП-листата по импресивната победа на УС Опен во која Шпанецот целосно го надигра првиот носител Јаник Синер. Италијанскиот тенисер не успеа да ја наметне својата игра додека Алкараз го одигра својот најдобар меч во последната година, закитувајќи се со шестиот гранслем трофеј во кариерата.

Долгогодишниот тренер на Рафаел Надал, неговиот чичко Тони Надал, имаше само пофални зборови за она што Алкараз го прикажа на американскиот гранслем, тврдејќи дека тој е непобедлив кога игра на тоа ниво.

„Можеби не го видовме најдоброто од Синер во финалето на УС Опен, но мое мислење е дека и да одиграше најдобро што можеше, Јаник немаше шанси против Алкараз во овој меч. Начинот на кој одигра Карлос е неверојатен, првиот сет беше еден од најдобрите, можеби и најдобриот во кариерата на Алкараз, тој беше на работ на совршенство. Играше брзо, го менуваше темпото на ударите, имаше мал број на грешки, слободно можам да кажам дека Алкараз е непобедлив кога игра така, без оглед кој е од другата страна на мрежата“, изјави Тони Надал.

Се вчитува...