Рафаел Надал по три години пауза повторно е прворангиран светски тенисер, откако Шпанецот го „прескокна“ Енди Мареј на најновата АТП-листа објавена денеска. Промената на лидерската позиција беше јасна уште при самото повлекување на Мареј од Мастерс-турнирот во Синсинати, па иако Надал беше рано елиминиран од овој турнир, сепак се искачи на врвот на листата бидејќи ги загуби оние 1.000 бодови што ги бранеше по ланската титула.
Мареј ќе биде втор носител на претстојниот УС Опен, откако британскиот тенисер остана со пет поени предност во однос на Роџер Федерер, кој воопшто не играше во Синсинати. Стен Вавринка и Новак Ѓоковиќ, кои се „во аут“ до крајот на годинава, се задржаа на четвртата и петтата позиција иако е јасно дека во следниот период ќе им следи значителен пад на листата. Алекс Зверев по серијата добри игри се искачи на шестата позиција, пред Марин Чилиќ, Диминик Тием остана осморангиран, додека Григор Димитров со освоениот Мастерс во Синсинати повторно се врати во Топ 10, овојпат како деветторангиран светски тенисер.
Листата на десет најдобри ја заокружува Кеи Нишикори, кој исто како и Ѓоковиќ и Вавринка нема да може да се врати на терените до почетокот на 2018 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА