Надал повторно е број 1 во светскиот тенис

Кратко траеше престојот на Роџер Федерер на врвот на АТП-листата откако Рафаел Надал се врати на првата позиција со освоената титула во Рим. Шпанецот лани беше елиминиран во раната фаза од овој мастерс-турнир, па вчерашната титула по драматичното финале против Зверев му донесе на Надал доволно бодови за да го прескокне Федерер и да влезе во Ролан Гарос како прворангиран светски тенисер.

Федерер се наоѓа на второто место со само 100 бода заостанување зад Надал, а зад неего се рангирани Зверев, Чилиќ, Димитров, Дел Потро, Андерсон, Тим, Гофан и Иснер.

На ВТА-листата, на врвот останува Халеп, пред Вознијацки, Мугуруза и Свитолина, додека Остапенко ја прескокна Плишкова и моментно важи за петти светски рекет во женскиот тенис. За одбележување е и скокот на Марија Шарапова, која со пласманот во полуфиналето во Рим си обезбеди влез меѓу најдобрите 30 тенисерки.

Се вчитува...