Шпанецот Рафаел Надал од денеска повторно е тенисер број еден на АТП листата. Ова благодарение на поразот на Роџер Федерер во финалето на турнирот во Хале со што Швајцарецот не ги одбрани бодовите од ланскиот триумф. Разликата меѓу Надал и Федерер сега е 50 бода. Од овие позиции, двајцата најдобри тенисери ќе влезат на гренслемот Вимблдон кој почнува на 2 јули.
Значаен прогрес на АТП листата со пласманот во финалето на турнирот Квинс во Лондон, направи поранешниот број еден, Новак Ѓоковиќ. Србинот повторно е меѓу најдобрите 20 на ранкингот. Седумнаесеттата позиција ќе му овозможи да биде меѓу дванаесетте носители на Вимблдон со што ќе ги избегне топ четири носителите, се до осминафиналето.
Најголем напредок на листата направи Хрватот Борна Чориќ кој со триумфот над Федерер во финалето во Хале скокна за 13 позиции и дојде до 21. место што е негов најдобар пласман во кариерата.
Кај тенисерките нема значајни поместувања на последната ВТА листа во пресрет на Вимблдон. Лидерка и натаму е Симона Халеп, пред Вознијацки, Мугуруза, Стивенс и Свитолина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА