Надал расплакан – стана бесмртен во Париз: „Новак, Енди, Роџер… ова не би било исто без вас!“ (ВИДЕО/ ФОТО)

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал засекогаш останува бесмртен на „Филип Шатрие“ во Париз. На првиот ден од овогодинешниот Ролан Гарос, се одржа церемонија на крајот од програмата на денот во чест на четиринаесеткратниот шампион во Париз.

Пред полните трибини на главниот терен, Надал одржа емотивен говор, во церемонија на која му се придружија Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, а организаторите имаа уште едно изненадување во ракавот.

На крајот од теренот каде што постигна толку многу победи, поставена е плоча со неговото име, отпечатокот од ѓонот на неговата патика и „Купот на мускетарите“ со бројот 14 под него, алудирајќи на бројот на титули на Надал на Отвореното првенство на Франција.

Голема чест за голем спортист, кој постигна резултат во Париз за кој беше тешко да се замисли дека некој ќе го повтори.

„Доживеав многу емоции на оваа сцена. Голема благодарност до сите во организацијата што ми дадоа можност да се збогувам вака, на она што е сигурно најважното поле во мојата кариера. Неверојатна приказна што започна во 2004 година кога првпат дојдов на Ролан Гарос. Едвај можев да одам поради повредата на стапалото и тогаш дојдов на теренот со патерици, надевајќи се дека ќе играм следната година. Во 2005 година, на 18 години, дојдов тука и моето прво искуство беше против мојот пријател од детството и голем ривал, Ришар Гаске. Од тој момент сфатив што значи Ролан Гарос. Доживеав сè во овие 20 години, имав најголеми ривали како Енди, Новак и секако Роџер. Ништо не би било исто без тие соперништва, кои нè правеа сите да растеме од ден на ден“ – рече Надал.

Потоа Надал им се заблагодари на сите луѓе што беа покрај него во текот на 20-те години на Гарос.

„Нема зборови да ви се заблагодарам на сите за сè што направивте за мене. Тука, на трибината, има многу луѓе кои сакаа да бидат со мене, семејство, пријатели, блиски луѓе, сите што беа голема поддршка. Благодарам на сите што беа со мене толку долго и ми помогнаа многу, благодарам на тренерите што работеа со мене. На мојот тим што беше како второ семејство, не можам доволно да ви се заблагодарам. Вие сте најдобриот тим што можев да го имам и лично и професионално, ви благодарам што поминавте толку години со мене. На моето семејство, чичковци, кумови, на сите на кои никогаш нема да можам доволно да ви се заблагодарам. Немам за што да ви се заблагодарам. Се шегувам. Благодарам на моите баби од 94 и 92 години. И мене ми недостигате, каде и да сте“ – рече Надал.

Се вчитува...