Рафаел Надал продолжи со импресивните настапи на турнирите низ Азија, откако по освоениот пехар во Пекинг шпанскиот тенисер денеска со победа го стартуваше и својот настап во Шангај. Првиот светски рекет за ривал го имаше Доналдсон од САД, кого го збриша за само 54 минути игра со 6-2, 6-1, уште еднаш потврдувајќи дека се наоѓа во извонредна форма.
Следен ривал на Надал ќе биде Фабио Фоњини, кој во својот дуел славеше над Пуиј од Франција со 2-0 во сетови.
Роџер Федерер не настапи во Пекинг, но затоа го стартуваше турнирот во Шангај со победа над Шварцман од 2-0 во сетови. Швајцарецот го доби првиот сет во тајбрејк со 7-4, направи брејк веќе во првиот гејм од вториот сет, па рутински ја одржа предноста за пласман во третото коло, каде ќе се сретне со Долгополов.
Својот настап на овој турнир го заврши Давид Гофан, кој загуби со 0-2 од Жил Симон, а најкратко време на теренот мина Алекс Зверев, кој при водство од 4-0 службено го доби мечот откако противникот Бедене предаде поради повреда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА