Рафаел Надал изјави дека веќе нема да се бори за првото место на АТП листата. Шпанецот неодамна беше симнат од врвот од Роџер Федерер кој на 36-годишна возраст со победата во Ротердам повторно стана светски рекет број еден. Надал вели дека во продолжението на сезоната едноставно, ќе се труди да ужива во тенисот и да биде среќен на терен.
„Федерер не мораше да се врати на првото место за покаже што значи тој во тенисот. Тоа што го направи е многу тешко и јас можам само да му честитам. Ренкингот не лаже, тој беше подобар од мене во последните 12 месеци. Со години бев на едно од првите две места. Дали сум 1, 3 или 5 сега веќе нема разлика“- вели Рафаел Надал.
Шпанецот сега се подготвува за следниот настап на турнирот во Акапулко на кој лани загуби во финалето од Сем Квери. Иако тенисот му е на прво место и сака да се натпреварува, сепак Надал истакнува дека сега не му е приоритет првото место на кое помина вкупно 167 седмици.
„Она што ме прави среќен е тоа што се чувствувам мотивирано и натпреварувачки со желба да освојувам турнири. Нема да се борам за првото место. Ќе се борам да ја одиграм сезоната најдобро што можам, а ако тоа подоцна ќе значи шанса да е вратам, тогаш е во ред. Се борам да бидам среќен на секој турнир што ќе го играм, тоа ми е цел. Ќе видиме каде сум на крајот на сезоната“ – истакнува Рафаел Надал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА