Рафаел Надал поради повреда ги пропушти турнирите во Индијан Велс и во Мајами, но шпанскиот тенисер се наоѓа во завршна фаза од рехабилитациската програма и наскоро ќе го има својот камбек на терените. Целта на Надал е јасна – да биде „фит“ за стартот на „земјената сезона“, каде Шпанецот ќе брани огромен број на АТП бодови по бројните трофеи освоени минатата година.
Прв предизвик ќе му биде Мастерс-турнирот во Монте Карло, за кој Надал денеска реши и официјално да се пријави, како јасен знак дека е многу близу до камбек на терените. Тој веќе има десет титули од овој турнир, а наредниот месец ќе атакува на нов трофеј, за кој главни ривали ќе му бидат третиот светски рекет Чилиќ, четвртиот Димитров, како и петтиот светски тенисер во моментов, Александар Зверев.
Од тенисерите од самиот тениски врв ќе го нема првиот светски рекет Роџер Федерер, кој идентично како и лани не планира да биде дел од мастерс-турнирите на земјена подлога, најавувајќи дека ќе размисли можеби да се појави на Ролан Гарос. Покрај Федерер, во Монте Карло ќе бидат отсутни и Дел Потро и Вавринка, а неизвесно е дали ќе се појави Новак Ѓоковиќ, кој се уште се мачи со нездогна повреда поради која не може да се претстави во посакуваното светло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА