Рафаел Надал му одржа лекција по тенис на Стефанос Циципас, совладувајќи го младиот Грк со 2-0 во сетови за освојување на трофејот во Торонто, за вкупно 33. пехар за шпанскиот ас на мастерс-турнирите во неговата фантастична кариера. Воедно, ова е 80. титула во кариерата на Надал, со што големиот мајстор стана само четврти тенисер во „модерната ера“ на овој спорт кому ова му успеало, по Роџер Федерер, Џими Конорс и Иван Лендл.
Циципас влезе во овој дуел преполн со самодоверба откако претходно ги елиминираше Ѓоковиќ и Зверев, се надеваше на чудо и против првиот светски рекет, но експресно стана јасно дека такво нешто нема да се случи. По израмнетите 1-1 Надал ги освои наредните четири гејма, добивајќи го првиот сет со 6-2, па веднаш потоа правејќи брејк и на самиот старт од вториот дел од финалето.
За доминацијата на Шпанецот најдобар доказ е податокот дека во првите шест гејма на свој сервис тој му дозволи на Циципас да освои само еден единствен поен. Сепак, при водство од 5-4 во вториот сет Надал направи неколку грешки, па грчкиот тинејџер успеа да израмни. Првиот носител имаше многу среќа кога при 5-6 и сет-топка за Циципас со помош на мрежата се спаси и стигна до израмнување, за потоа да го добие тајбрејкот со 7-4 и да се закити со трофејот, со конечни 6-2, 7-6.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА