Младата репрезентација на Македонија одигра натпревар без голови со селекцијата на Србија во вториот квалификациски натпревар за ЕП 2023. Во натпревар во кој избраниците на Драган Канатларовски одиграа одлично второ полувреме, на крај реално реми во двете селекции кои имаа свои шанси. Најзаслужниот за ремито на Македонија и голманот Давид Денковски кој имаше одбранет пенал и неколку 100% шанси на Србите во првото полувреме.
Голманот на Брегалница беше најзаслужниот во првото полувреме што Македонија остана без примен гол. Нешто слично како и на дуелот во Ле Ман со Франција, одбрани најмалку три идеални шанси за Србите во првиот дел, значително придонесувајќи за освоениот бод на дуелот кој се играше на стадионот на СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид.
Денковски најпрво одбрани идеална шанса на Гавриќ во 17. минута, потоа го спречи зицерот и на Тедиќ во 26. минута, за во 36. минута да го одбрани ударот на Тедиќ од белата точка, а потоа на одбиената топка го одбрани и шутот на Милосављевиќ.
За македонската репрезентација од првиот дел останаа забележани шансите на Илиевски во 25. минута и на Фазлагиќ, по кои избраниците на Драган Канатларовски можеа да се стекнат со предност.
Во второто полувреме рамноправна игра на двете страни, со тоа што Македонија со далеку посериозни атаци кон противничкиот гол па во 63. минута Чолаковски се најде во убава можност, но неговиот обид во последен момент изблокиран од гостинските дефанзивци. По корнерот одличен обид на Фазлагиќ на првиот дирек, но голманот на Србија брани спречувајќи водство на Македонија.
Во 74. минута Видосављевиќ имаше одлична шанса но Денковски повторно брани, за да најголемата шанса во 79. минута ја имаше Фазлагиќ за водство на Македонија. Изби сам пред гостинскиот голман, но од 12 метри неговиот шут го брани голманот Гордиќ.
Во последните минути Лука Трајковски имаше одлична можност да донесе триумф но непрецизно шутираше од 12 метри. Во 94. минута и 100% шанса за Елези но Србите на самата гол-линија се спасија од пораз за конечни 0-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА