Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години од денеска па до недела ќе биде домаќин на силен ФИБА „Челинџер“ кој ќе се одржи во Скопје, а покрај „црвено-жолтите“ ќе настапат уште Србија, Хрватска, Шпанија, Германија и Грузија.
Првиот натпревар за избраниците на Никола Василев ќе биде против Хрватска, денеска од 21 часот во СРЦ „Кале“. Утре следи дуел против Грузија, ден подоцна против Шпанија, а по одморот во петок, за викендот ги очекуваат средби против Србија и Германија.
Резултатскиот императив на овие средби треба да биде во втор план, а воигрувањето на овие играчи и искуството кое од овој турнир ќе го пренесат играчите подоцна во сениорскиот тим ќе биде далеку позначајно за враќање на мак-баксетот онаму каде што припаѓа.
„Очекувањата се да се прикажеме во добро светло. Тоа не е алиби, туку тоа е цел која сакаме да ја оствариме. Нормално тренираме и се подготвуваме за овие натпревари и сакаме да оствариме позитивен резултат и за тоа ќе дадеме се од себе, но поважно од резултатскиот императив е и да ги подготвиме овие играчи во иднина да бидат лидери во сениорска кошарка. Овие генерации имаат талент, во оваа репрезентација има материја, но потребно е и продолжување на добрата работа со нив. Ќе играме против репрезентации како Хрватска, Србија и Шпанија кои секогаш спаѓаат во топ пет репрезентациите во светот и сметам дека овој турнир ќе биде големо искуство за овие играчи“, изјави Василев во интервјуто за ЕКИПА.
Македонија на турнирот ќе настапи со следниот состав:
6 Марин Петков; 7 Резарт Мемед; 8 Димитар Иванов; 9 Теон Богатиновски; 10 Филип Наков; 11 Андреј Митревски; 12 Амар Хот; 13 Мирослав Ѓорѓевиќ; 14 Тома Стојановски; 15 Горазд Величковски; 16 Павел Атанасов; 17 Никола Василевски
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА