Светот на фудбалот денеска остана без уште една легенда откако на 78-годишна возраст по долго боледување почина Франц Бекенбауер, Германецот кој важи за еден од најдобрите на сите времиња. Фудбалерот кој направи револуција и засекогаш ќе биде запомнет по неа.
Два пати беше на врвот на светот, и како играч и како тренер, а нанижи и други бројни трофеи и на клупско и репрезентативно ниво, но и на индивидуално поле. А, и нема да остане запомнет само како добар фудбалер и тренер, туку и како добра личност која секогаш ја осветлуваше собата со своето присуство, како што вели Јулијан Нагелсман.
„За мене Франц Бекенбауер е најдобриот фудбалер во германската историја. Неговото толкување на улогата либеро ја промени играта, оваа улога и неговото пријателство со топката го направија слободен човек. Како фудбалер, а потоа и како тренер беше извонреден. Кога Бекенбауер ќе влезеше во соба, таа засветуваше и со право ја заслужи титулата „светла фигура на германскиот фудбал“. Горд сум и чест ми е што имав шанса да го запознаам и засекогаш ќе го паметам“, порача селекторот на Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

