Нагелсман: Не е точно дека имам понуда за камбек во Баерн

Германскиот селектор Јулијан Нагелсман ги демантираше гласините дека има на маса понуда за враќање назад на клупата на Баерн Минхен, од каде доби отказ пред околу една година.

Именувањето на Томас Тухел се покажа како огромна грешка што баварскиот гигант ја призна со предвремениот прекин на соработката со овој стручњак (на крајот од сезонава), а дел од челниците на Баерн ја отворија вратата за камбек на Нагелсман, кој во меѓувреме успеа да забележи неколку добри резултати на клупата на германската репрезентација.

Договорот на Нагелсман како селектор истекува по ЕВРО 2024, во меѓувреме се појавија гласини дека тој добил богата понуда за камбек на „Алијанц Арена“, но 36-годишниот стручњак јасно стави до знаење дека се уште нема донесено одлука, ниту пак има конкретна понуда.

„Се уште сум во фаза кога размислувам за следниот чекор во кариерата. Морам добро да размислам, да ги земам сите работи во предвид пред да решам што понатаму. Едно е сигурно, немам добиено никаква понуда од Баерн, ниту пак од некој друг клуб“, изјави Нагелсман.

Челниците на Германската Фудбалска Федерација сакаат да го задржат овој стратег на клупата, но преговорите за продолжување на соработката не се стартувани, а федерацијата сака во новиот договор да внесе и клаузула за продолжување поврзана со резултатот на ЕВРО 2024, нешто што не му се допаѓа на Нагелсман.

Се вчитува...