Германскиот селектор Јулијан Нагелсман ќе попушти под притисокот на јавноста, селејќи го Каи Хаверц на клупата за резерви на осминафиналниот дуел од ЕВРО 2024 против селекцијата на Данска што на програмата е утре со почеток во 21 часот.
Хаверц даде гол од пенал на првиот меч со Шкотска, но потоа одигра катастрофално и со Унгарија и особено на дуелот со Швајцарција, со што прегласни станаа критиките кон Нагелсман кој упорно го форсираше асот на Арсенал пред Филкруг, иако голгетерот на Борусија Дортмунд се наоѓа во далеку подобра форма.
Според последните информации, тој притисок вродил со плод, па на последните тренинзи станало јасно дека Филкруг е подготвен да биде стартер против Данска. Како во средата, така и на вчерашниот тренинг асот на Борусија имал можност да биде дел од напаѓачкото трио заедно со Вирц и Мусиала, како јасен предзнак дека Филкруг ќе биде стартер и утре против Данска.
Само за потсетување, по дуелот со Швајцарија весникот „Билд“ објави анкета дали Хаверц или Филкруг треба да биде стартер во осминафиналето од ЕП, својот глас го дадоа над 140.000 германски фанови од кои над 90% изразија желба за промена во стартниот тим и преселба на Каи Хаверц на клупата за резерви.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА