Нагелсман водеше инает, Тотенхем крена раце од него

Јулијан Нагелсман дефинитивно нема да биде нов тренер на Тотенхем од наредната сезона откако управата на „спарси“ донесе одлука да не го ангажира екс-стратегот на Баерн Минхен. Германецот важеше за еден од фаворитите на Даниел Леви во потрагата по долгорочен наследник на Антонио Конте, но првиот човек на Тотенхем на крајот се налути поради упорното инсистирање на една работа од страна на Нагелсман.

Имено, Германецот јасно ставил до знаење дека нема да дојде ако покрај целокупниот стручен штаб, со себе не донесе и нов спортски директор во клубот. Нагелсман бараше гаранции дека преку директорот ќе може да ја диктира трансфер-политиката на Тотенхем, нешто што дефинитивно му пречеше на Леви, кој е задолжен за овој дел од функционирањето на клубот. Информациите од лондонскиот клуб тврдат дека ставот на раководството на „спарси“ е конечен и потрагата по нов тренер ќе продолжи во поинаков правец.

Голема желба останува Роберто де Зерби, но Италијанецот делува среќно во Брајтон и тешко дека ќе си замине летово, а меѓу можните опции се споменуваат и поранешниот шпански селектор Луис Енрике, како и Холанѓанецот Арне Слот кој е пред освојување на титула со Феенорд.

Се вчитува...