Нотингем Форест утрово објави дека е потпишан нов договор со тренерот Нуњо Еспирито Санто, кој и во следните три сезони ќе седи на клупата на „шумарите“.
Португалецот имаше извонредни резултати ланската сезона, Форест долго време беше во Топ 5, пред самиот крај на сезоната испадна од борбата за место во ЛШ, но тимот од Нотингем успеа да обезбеди учество во европските купови за првпат во последните 29 години.
Нуњо пред крајот на сезоната имаше конфликт со сопственикот Евангелос Маринакис што беше забележан и од ТВ-камерите, тогаш се шпекулираше дека Нотингем наскоро ќе добие нов тренер, но грчкиот милијардер на крајот сепак се реши да го задржи поранешниот тренер на Порто и Тотенхем.
„Со задоволство можеме да објавиме дека Нуњо Еспирито Санто потпиша нов договор со клубот. Минатата сезона тој го водеше тимот до гостински победи против Ливерпул и Манчестер Јунајтед, за првпат по 55, односноо по 30 години, воедно и остварувајќи ја најдолгата победничка серија уште од 1967 година. Тој имаше три награди “менаџер на месецот“, најмногу од сите тренери во Премиер-лигата минатата сезона, горди сме на овој договор и продолжувањето на соработката“, се вели во соопштението на Нотингем Форест.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

