Раководството на Тотенхем подготвува нов договор за младата англиска ѕвезда, Деле Али. Играчот за врска ќе заработува двојно повеќе, или поточно 100.000 фунти неделно, а со тоа ќе биде вториот најплатен играч во редовите на „петлите“ покрај Хари Кејн кој заработува 110.000 фунти неделно.
Англискиот репрезентативец пред 18 месеци ја обнови соработката со клубот откако прифати неделна заработувачка од 50.000 фунти, додека договорот би траел до 2022 година. Сега соработката ќе се продолжи на уште една година, но целта на овој потег е да се оттргне Али од рацете на европските гиганти.
Не е тајна дека неколку великани како Реал Мадрид и Барселона се интересираат за неговите услуги, додека клубот од Лондон стави забрана за продажба на 21-годишниот фудбалер, истото го направи и во случајот со Кејн. Со овој договор се надеваат дека ќе ги задоволат потребите на играчот, но воедно го наградуваат за неговите добри настапи во изминатиот период.
Сезонава Али постигна девет погодоци, додека асистираше на 10, на вкупно 27 средби во сите натпреварувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА