Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров се наоѓа на чекор до нова огромна индивидуална награда откако десниот бек ја задржа солидната предност во однос на ривалите на врвот на листата на стрелци на овој мундијал.
Иако македонската репрезентација уште минатиот викенд ги заврши настапите на СП во Франција, Лазаров останува на врвот на листата на стрелци со вкупно 50 погодоци. Во денешното полуфинале меѓу Норвешка и Хрватска на теренот беа двајцата најголеми ривали на Македонецот, Норвежаните Бјорнсен и Сагосен, но и двајцата не влегоа во фуриозен ритам, па така крилото Бјорнсен постигна пет, а бекот Сагосен само четири погодоци.
Ова значи дека Бјорнсен во пресрет на големото финале ќе има 41 гол и ќе му недостигаат дури девет за да го стигне Лазаров, додека Сагосен ќе влезе во финалето со 40 погодоци на своето салдо. Со оглед на фактот дека против себе ќе ја имаат моќната Франција, тешко е да се верува дека Норвежаните ќе можат да го стигнат македонскиот капитен, па Кире Лазаров по се изгледа в недела во Париз ќе го добие третото признание најдобар стрелец на големите натпреварувања, откако дојде до истата награда на СП 2009 во Хрватска и на ЕП 2012 во Србија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА