Рома брка три гола негатива на реваншот со Ливерпул, но никој во таборот на „римската волчица“ не ни помислува на предвремена капитулација пред тимот на Јирген Клоп. Впрочем, причина за оптимизам им дава и победата од 3-0 над Барселона, со која Рома го елиминираше каталонскиот гигант во четвртфиналето, подвиг што ќе се обиде да го повтори и утре.
„Знаеме дека нема да биде нималку лесно, но успесите се послатки кога до нив одите по потешкиот пат. Едно е сигурно, ќе имаме огромна поддршка од трибините, а ние на теренот ќе сториме се за да ги израдуваме верните навивачи. Споредбите со Барселона се нормални, но според мене овојпат ќе ни биде потешко бидејќи Ливерпул е физички одлично подготвен“ – изјави Раџа Наинголан.
Белгискиот интернационалец повторно се поврзува со преселба во Премиер-лигата, Челси и Манчестер јунајтед подготвија понуди, но Наинголан не размислува за заминување.
„Веќе имам кажано, сега ќе повторам – јас сум среќен што сум во Рома и сакам да освојувам трофеи со овој клуб. Ако успеам годинава супер, ако не пак ќе се обидам во наредната сезона. Останатите понуди не ме интересираат“ – дециден е Белгиецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА