Во Англија владее фудбалска еуфорија откако „гордиот албион“ славеше над Германија со 2-0, совладувајќи го големиот ривал и пласирајќи се во четвртфиналето од ЕВРО 2020.
Англичаните вообичаено се вечни оптимисти кога станува збор за шансите на нивниот национален тим за триумф на големите натпреварувања, но сега еден статистички податок уште повеќе ја крева атмосферата пред клучните битки на ова ЕП. Имено, Англија само еднаш досега на светските или европските шампионати била без примен гол на првите чтири средби од овие натпреварувања, и тоа во легендарната 1966 во која „гордиот албион“ се закити со светската круна.
Тогаш Англичаните со реми со Урургвај од 0-0, потоа со идентични 2-0 ги совладаа Мексико и Франција, за во четвртфиналето да бидат подобри од Аргентина со 1-0.
На ЕВРО 2020 Џордан Пикфорд се уште ја нема вадено топката од сопствената мрежа, во групната фаза бевме сведоци на две минимални победи од по 1-0 над Хрватска и над Чешка, како и реми без голови со Шкотска, за триумфот над Германија повторно да ги крене до небо англиските фудбалски херои.
Дали ќе стигнат до титулата, останува да се види, но распоредот им оди во прилог бидејќи во четвртфиналето ќе се сретнат со подобриот од дуелот Шведска – Украина, а во случај на полуфинале ги очекува победникот од четвртфиналната пресметка меѓу Чешка и Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА