Шпекулациите околу трансферот на Давид де Хеа од Манчестер јунајтед во Реал Мадрид се чекор поблизу до реализација откако беше обелоденето дека шпанскиот голман веќе ја дал на продажба куќата во која моментно живее. Весникот „Сан“ во своето денешно издание обелодени дека куќата на Де Хеа во Манчестер е дадена на продажба минатиот месец, а голманот очекува да заработи околу 4,5 милиони евра. Куќата на Де Хеа има пет спални соби, сала за кино, гаража за три автомобили, базен, џакузи и тениски терен.
Реал Мадрид пред две години беше многу близу до ангажман на Де Хеа, но трансферот не беше комплетиран навреме и Шпанецот остана на „Олд трафорд“. Променливите настапи на Кејлор Навас сезонава придонесоа „кралевите“ повторно да тргнат во офанзива по Шпанецот, кој во меѓувреме стана и прв голман на националниот тим, пред Икер Касилјас.
За очекување е Реал да понуди 60 милиони евра за да го доведе Де Хеа на „Сантијаго Бернабеу“, а не се исклучува можноста во понудата да биде вклучен и Кејлор Навас, за кого со доаѓањето на Шпанецот дефинитивно веќе ќе нема место во тимот на Реал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА