Најавени тимови: Хејнкес во дилема – кој да го замени Видал?

Јуп Хејнкес се соочува со дилема околу изборот на средниот ред за вечерашниот меч со Реал Мадрид, поточно кому да му припадне местото во стартниот тим предвидено за повредениот Артуро Видал. Чилеанецот внесува дополнителна цврстина во тимот на баварскиот гигант, а Хејнкес нема играч со слични предиспозиции што би можел целосно да го замени. Затоа, стратегот на Баерн размислува дали шанса да му даде на Тијаго Алкантара и да добие на инвентивност, или па да тргне во тотална офанзива со Хамес Родригез како поддршка за Рибери, Робен, Милер и Левандовски.

Проблем за Хејнкес претставува и состојбата на Давид Алаба, кој вчера воопшто не тренираше и неговиот настап вечерва е неизвесен. Доколку Австриецот не биде „фит“, улогата на стартен лев бек ќе му припадне на Шпанецот Бернат.

На спротивната страна, Зидан нема проблеми со тимот, па тренерот на европскиот првак ќе се реши за вообичаените единаесетмина од последните клучни средби на Реал, што ќе значи нова шанса за Иско, додека Герет Бејл ќе следи од клупата за резерви.

БАЕРН МИНХЕН – РЕАЛ МАДРИД

БАЕРН: Улрих, Кимих, Алаба (Бернат), Боатенг, Хумелс, Мартинез, Тијаго, Рибери, Робен, Милер, Левандовски.

Отсутни: Видал, Коман, Нојер.

РЕАЛ: Навас, Карвахал, Варан, Рамос, Марсело, Крос, Кашемиро, Модриќ, Иско, Бензема, Роналдо.

Отсутни: Начо.

Се вчитува...