Најави од Франција: Мбапе му рекол ДА на Реал Мадрид

Килијан Мбапе му кажал ДА на Реал Мадрид и во следната сезона ќе го облече дресот на најтрофејниот европски клуб, јавуваат неколку медиуми од Франција. „Foot Mercato“ прв ја објави оваа информација што подоцна беше пренесена од бројни медиуми ширум Европа, според кои трансфер-сагата е завршена и Французинот на крајот од оваа сезона ќе се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.

„Кралскиот клуб“ повеќе од две години активно преговара за да го доведе Мбапе во своите редови, се чинеше дека во 2022 работата е завршена, но во последен момент се случи пресврт и Французинот потпиша нов двогодишен договор со ПСЖ, земајќи огромни бонуси за таа „лојалност“. Тој уште во текот на летото преку соопштение обелодени дека нема намера да потпише нов договор со ПСЖ додека трае сезоната, најавувајќи „меѓу редови“ дека е подготвен за нов предизвик во кариерата. Поради ова беше казнет и отстранет од тимот во текот на подготовките, но во меѓувреме страстите се смирија и Мбапе се врати во тимот каде сега е најдобар стрелец.

Тој во неколку наврати во последните месеци повторуваше дека сака да се фокусира само на сегашноста, а има време за носење одлука за иднината. Според француските медиуми, Мбапе нема да објави заминување се до крајот на сезонава, за да не ја наруши атмосферата во тимот на ПСЖ. Сепак, истите извори тврдат дека тој веќе ја прифатил целосно понудата на Реал Мадрид, иако бонусот за потпис бил понизок од она што му беше понудено во 2022 година.

Јасно е, Мбапе е подготвен за трансферот на кариерата, а со оглед на фактот дека летово ќе стане слободен играч, ништо не може да му застане на патот и да му го урне тој сон.

Се вчитува...