Најдобар кога е најважно – Јаничиќ блесна во големото финале

Јуниорската репрезентација на Македонија докажа дека припаѓа на самата европска елита откако во голем стил стигна до трофејот на ЕП – Б дивизија што се одржуваше во Скопје.

Голем број на кошаркари се истакнуваа во текот на целиот шампионат, а во големото финале со Австрија улогата на херој му припадна на младиот Никола Јаничиќ. Овој бек одигра феноменално прво полувреме во кое постигна дури 23 поени, без ниту една загубена топка.

Австријците во вториот дел заиграа поагресивно во одбраната против него, но Јаничиќ покажа извонредна зрелост, не трошејќи премногу топки, туку се стави целосно во корист на колективот, на патот до големата победа која го донесе и златниот медал.

На крајот зад неговото име останаа запишани 30 поени со над 50% успешност на шут од поле (12/21), пет скока, четири асистенции и четири украдени топки.

Со вакви изданија, само прашање на време е кога овој млад кошаркар повторно ќе го видиме и во дресот на сениорската репрезентација.

Се вчитува...