Најдобар на терен: Јакимовски го предводеше Колорадо до нов убедлив триумф

Малку време му беше потребно на Андреј Јакимовски да се наметне како еден од лидерите на тимот на Колорадо, со кој македонскиот репрезентативец одлично ја почна новата сезона во НЦАА-лигата.

Колорадо вечерва за противник го имаше Универзитетот Харвард, дуел што Јакимовски и соиграчите го добија рутински со убедливи 88-66, најмногу благодарение на македонскиот кошаркар. Андреј со 15 поени блескаше во првото полувреме што неговиот тим го доби со двоцифрени 46-34, позитива што Колорадо дополнително ја зголеми до конечните „плус 22“.

Токму Андреј Јакимовски беше најдобар поединец на теренот, завршувајќи го натпреварот со 20 постигнати поени за 27 минути игра, надополнети со пет скока, една асистенција и една украдена топка.

Само за потсетување, Јакимовски поради настапите за Колорадо во НЦАА-лигата не може да помогне на националниот тим на претстојниот двомеч со Литванија во квалификациите за Евробаскет 2025.

Се вчитува...