Најдобриот голгетер во светот слави роденден – Роналдо полни 36 години!

Кристијано Роналдо, најдобриот голгетер во историјата на фудбалот, денес слави роденден и брои 36 години. Иако можеби влегува во доцната ера од неговата кариера, одличниот Португалец сè уште игра на највисоко ниво, за што сведочат неговите настапи во дресот на Јувентус. Амбиција, страст, упорност и победнички менталитет, ова се клучните фактори кои го одликуваат како еден од најдобрите фудбалери во светот на фудбалот.

Португалскиот фудбалер, со двата гола што ги постигна против Интер, го доближи Јувентус до финалето во Купот на Италија, а своето име го запиша во историјата на фудбалот како најдобар голгетер. Тој дојде до бројката од 763 погодоци во кариерата, на официјалните натпревари како играч на Спортинг, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус и репрезентацијата на Португалија. Најмногу голови во кариерата, 451, Роналдо постигнал за Реал. На вечната листа, Португалецот, го престигна Чехот Јосеф Бикан, кој во кариерата постигнал 762 гола. Според официјалната статистика, 762 гола во кариерата постигнал и Пеле.

Роналдо веќе има 36 години, но тој има изјавено дека лесно може да игра до 40-тата година, што не е ни чудо, затоа што според „Тутопорт“ и бројни медицински прегледи, тој има тело на 28-годишник.

„Сето тоа ќе зависи од мотивацијата. Физички, можам да играм до 40-годишна возраст без никакви проблеми. Најважниот фактор ќе биде психата. Никој не трае вечно”, изјави Роналдо.

Оваа сезона, Роналдо на 23 натпревари има постигнато 22 гола, неверојатни и фасцинантни бројки, заради кои во изминатиот ден на маса доби и нов договор од Јувентус, а сето тоа е понудено и како поклон за денешниот негов роденден. Фудбалската јавност очекува одогвор од фудбалската ѕвезда, а медиумите од Италија потврдуваат дека Кр7 ќе каже „да“, па на тој начин со сигурност својата кариера ќе ја заврши во Торино.

Се вчитува...