Македонскиот олимписки комитет во соработка со Веслачката федерација на Македонија во целост ги покри сите финансиски трошоци за петчлената млада македонска веслачка репрезентација во однос на нивното учество на младинското Светско првенство кое од 2 до 6 Август ќе се одржи во Тракаи (Литванија), а на кое ќе учествуваат повеќе од 700 веслачи од 59 држави.
Младата македонска веслачка репрезентација е од 26 Јули во Тракаи каде учествуваше на кампот на ФИСА (Меѓународната веслачка федерација), каде што младиот македонски трeнер Марио Јованоски, помогнат од своите колеги од САД и Словенија, Џон Паркер и Јан Илар, заедно работеа на подобрување на формата и техниката на нашите млади спортисти, а денес попладне ќе се одржат и натпреварите на кои ќе ја видиме формата на младите македонски веслачи.
Магдалена Карамитерска и Ксенија Крањевска ќе настапат во дубл скул (15:09 часот), во дисциплината скиф, Никола Аџиоски ќе настапи во 16:06, а Ана Димоска во истата дисциплина ќе настапи во 16:39 часот.
Веруваме дека овој прекрасен спорт со наша заедничка поддршка повторно ќе заживее и дека на македонското веслање му претстои светла иднина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА