Асот на Барселона, Никола Миротиќ, ги предводи „ѕвездите“ кои се дел од идеалната петорка во Евролигата, избрани вo пресрет на завршниот турнир што наредниот викенд ќе се игра во Белград.
Барса имаше најдобар скор во регуларниот дел од сезоната, потоа и успешно го елиминираше Баерн во четвртфиналето, а меѓу најзаслужните е токму Миротиќ. Црногорецот со шпански пасош е втор стрелец во Евролигата сезонава со 16,6 поени по натпревар, а она што уште повеќе импресионира се неговите проценти за шут (65% за два поени, 45% за тројка и 85% за еден поен).
Центарот на Реал Мадрид, Валтер Тавареш, е избран за најдобар на својата позиција во кошаркарска Европа, а за првпат во ова одбрано друштво се најде и бугарскиот интернационалец Саша Везенков, кој има одлична сезона со Олимпијакос.
Шејн Ларкин од Анадолу Ефес исто така е дел од најдобрата петорка на Евролигата, во која има место и за Мајк Џејмс од Монако, единствениот од овие петмина кој нема да биде дел од Ф4 турнирот во Белград.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА