Вардар и Црвена Звезда вечерва на арената „Тодор Проески“ во Скопје во хумана мисија, за спомен и сеќавање на жртвите од ужасната трагедија во Кочани, но и помош за семејствата на настраданите.
Бројни заеднички легенди на двата клуба ќе бидат присутни вечерва на нашиот најголем стадион, а Илија Најдоски е еден од играчите кои, без сомнение, ја одбележаа историјата и на Вардар, и на Црвена Звезда.
Легендарниот „Громовник“ не крие дека е задоволен што е реализирана идејата да се одигра натпревар во хуманитарни цели за помош на семејствата на загинатите во пожарот во Кочани.
„Секоја чест за Звезда што брзо реагираше и ја прифати иницијативата да игра во главниот град на Македонија. Убав гест направи управата на црвено-белите предводена од генералниот директор Звездан Терзиќ. Луѓето низ земјава се воодушевени што по речиси 30 години ќе имаат можност да гледаат џин во дуел со еден од најчестите ривали во поранешната заедничка држава“ – вели Најдоски и дополнува:
„Црвено-белите имаат голем број навивачи во Македонија. Низ земјава има и многу здруженија на симпатизери на српскиот шампион и тие нема да ја пропуштат можноста да дојдат. Слушнав дека до понеделник се продадени повеќе од 20.000 билети, но верувам дека стадионот ќе биде полн“.
Задоволен што ќе се одржи еден ваков настан е и поранешниот ас на Црвена Звезда, но и тренер на клубот и селектор на Македонија, Бошко Ѓуровски, кој ќе биде дел од делегацијата на српскиот шампион во Скопје.
„Задоволство ми е што можам да се солидаризирам со семејствата на трагично настраданите. На овој начин Ц. Звезда докажува дека стои со братскиот македонски народ, односно луѓето кои ги загубија своите најблиски. Од друга страна, мечот со Вардар ќе не потсети на убави спомени. Нам, ветераните на Звезда, ни е мило што сме дел од овој настан. На полувремето од натпреварот ќе направиме почесен круг за луѓето да можат да ги видат поранешните играчи од двата клуба. Воедно тоа ќе биде и заедничка почит на жртвите“ – вели Ѓуровски.
Ѓуровски дополнува дека е среќен за најавите на враќање на Вардар на старите патеки.
„’Црвено-црните’ со години се мачат поради финансиски проблеми, но новиот сопственик вети дека ќе ја подобри ситуацијата во клубот и од следните сезони ќе атакува на титулата. Така мора да биде затоа што она што е Звезда за Србија, Вардар е за Македонија. Се сеќаваме на времето кога беше многу тешко да се победи во Скопје“.
РЕДОВНА КОМУНИКАЦИЈА СО НАЈДОСКИ, ПАНЧЕВ, КАНАТЛАРОВСКИ….
Бошко Ѓуровски редовно одржува комуникација со своите поранешни соиграчи и блиски пријатели, пред се Најдоски, Панчев, Канатларовски…
„Добар сум со сите и уживам во секој разговор со нив. Има такви што почесто ги слушам и гледам. Илија Најдоски постојано доаѓа во Белград. Дарко Панчев обожавам да го видам секогаш кога сме слободни. Често сум во контакт и со Драги Канатларовски. Мојот брат Милко сега нема да може да дојде во Скопје денеска.На шега му кажав дека може да игра за Вардар затоа што никогаш не го облекол црвено-црниот дрес, затоа што и ако игра за Црвена Звезда, ‘Делии’ ќе го исвиркаат, ха-ха-ха. Како и да е, Милко ужива во Марибор“ – вели Бошко Ѓуровски, одговарајќи и зошто ете тој и неговиот брат никогаш не играле за Вардар.
„Милко не играше, но беше тренер на Вардар. Во Звезда дојдовме како деца од Тетекс. Така се погоди тоа да биде нашиот фудбалски пат. Звезда беше наша љубов, остана моја, на Милка беше и останува, но тој потоа отиде во Партизан, а само тој знае зошто“.
АРЕНАТА „ТОДОР ПРОЕСКИ“ ДА СЕ ИСПОЛНИ ДО ПОСЛЕДНО МЕСТО
Вечерва се очекува арената „Тодор Проески“ да се исполни до крај?
„Цените на билетите се популарни. Поводот е хуманитарен. Тоа ќе биде можност луѓето кои не го виделе новиот стадион да уживаат во прекрасниот објект. Атмосферата може да биде одлична кога трибините се полни. Како селектор на Македонија, имав можност да видам сам колку добра атмосфера може да се создаде на таа арена. Впрочем, финалето на Суперкупот на Европа во 2017 година меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед се одигра во Скопје“.
НАЈДРАГ ГОЛ МИ Е ОНОЈ ЗА ТЕТЕКС ПРОТИВ ЦРВЕНА ЗВЕЗДА
Кој натпревар на Црвена Звезда против македонски екипи во Првата лига на Југославија ви остана во сеќавање?
„Со особена емоција се сеќавам на натпреварите против Вардар. Израснав во Тетекс, а кога клубот од Тетово влезе во југословенската прва лига, постигнав гол во победата над Црвена звезда (2-1). За црвено-белите неколку пати бев стрелец против Вардар во првенството и купот. Сепак, мојот омилен гол засекогаш е тој во дресот на Тетекс против Црвена Звезда, бидејќи играв пред моите пријатели кои дојдоа од селото да ме гледаат“.
Црвена Звезда е препознатлива што најголемите свои успеси во историјата ги постигнала кога во тимот имала Македонци. Зошто во првиот тим на Црвена Звезда во моментов нема Македонци?
„Имаме неколку многу талентирани играчи во младинската академија од Македонија. Се надевам дека наскоро ќе бидат во сениорскиот тим бидејќи без нив нема големи успеси. Ха, ха, ха. Кирил Дојчиновски и Бранко Кленковски ни го трасираа патот на сите нас. А потоа бевме и јас и мојот брат Милко, па Панчев, Најдоски, Канатларовски, Митко Стојковски, Попов, Тричковски… Играчите од Македонија секогаш биле присутни во Црвена звезда и играле добро“ – потенцира Бошко Ѓуровски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА