ЕКИПА.МК во 2025 година го стартуваше својот нов проект – првиот спортски подкаст во Македонија од ваков тип, „ПРЕСИНГ“ во кој домаќин е и најголемата македонска легенда во историјата, Дарко Панчев. Па, низ деновите на заокружување на изминатава 2025 година ќе ве потсетиме и на најгледаните моменти од изминатите 13 епизоди на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ во кој, заедно со Дарко Панчев, гости ни беа Благоја Милевски, Емил Рајковиќ, Кире Лазаров, Масар Омерагиќ, Марјан Илиевски, Перо Антиќ, Златко Калински, Јошко Миленковски, Никола Ѓорѓиев, Ѓорѓе Војновиќ, Александар Тодоров, Горан Попов, Шабан Трстена, Ѓоко Хаџиевски, Борко Ристовски…
=============================================
За македонската спортска јавност, и тоа како впечатлива беше извонредната психолошка подготвеност на младите ракометари на Алкалоид за она гостувањето во „пеколот“ во Атина пред 9.000 френетична озлогласени навивачи на АЕК во првиот финален натпревар од ЕХФ Европскиот куп. Но, не подлегнувајќи ниту најмалку на притисокот и атмосферата од домашните, момците на Кирил Лазаров одговорија на најдобар можен начин убедливо доминирајќи на терен со триумф од 25-29, кој потоа им го донесе и првиот европски трофеј.
Кире Лазаров, гостувајќи во најновиот подкаст „ПРЕСИНГ“ со Дарко Панчев, откри, како што рече, и една тајна како ја подготвувал својата екипа токму за една таква „напалена атмосфера“…
„Ќе ви откријам една мала тајна, која што досега не е позната, како ја подготвувавме екипата за тоа гостување во Атина, затоа што знаевме што не очекува таму. Знаевме дека ќе има девет илјади френетични навивачи и дека ќе има дополнителна тензија поради политичкиот момент со Грција“ – вели Лазаров во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“, и продолжува:
„Имам доста искуство од мојата играчка кариера, тренирано со најдобрите тренери во светот, и го користам доста тоа искуство. Многу ми помогнало. Се сеќавам еднаш со Лино Червар, во Загреб. Игравме четвртфинале против Барселона во Лигата на шампионите, и се подготвувавме во Пореч. Не чека Барселона – непобедлива, а Лино со максимална амбиција… Па, се подготвувавме како ќе играме пред полна „Блауграна“ со неверојатна публика. И како да се подготвиме? Ни пушти озвучување на цел глас со навивачки песни од Барселона, и трениравме во Пореч во еден таков амбиент. Па, како наближуваше натпреварот со АЕК, викам ајде и јас. Се сетив на тоа. Му се јавив на шефот во Алкалоид, што е задолжен за разгласот во Автокоманда, да го направи истото. И, ми вика, а што да правам јас? ‘Па, ништо’, викам, „Ќе најдеш на јутјуб снимки од АЕК-навивачи и нивни навивачки песни, и најјако што може. Одработивме на тој начин два тренинга по сат и триесет минути… Воопшто ништо не се слушаше во сала, што работиме, всушност. Ништо не можеш да слушнеш. Трениравме под такви услови. Мислам дека тоа многу допринесе да не подпаднеме психолошки на една таква атмосфера во Атина. И што се случи на тренингот? Тренинг со мал интензитет, со таква гласна музика, меѓутоа ти веќе како да си на самиот натпревар. Со тој ментален склоп – играчите кои што ги гледавме на пулсометри, значи со помал интензитет на тренинг, со таа сама атмосфера, набојот е поинаков и побрзо се заморуваат. Што значи, тие веќе двапати го одиграа тој меч пред полна сала. Мислам дека тоа допринесе многу“.
Лазаров вели дека се подготвуваа за тој меч две недели, максимално фокусирани.
„Се подготвуваме за тој натпревар две недели. Ракометната федерација ни дозволи и клубовите, мора да им се заблагодарам, во тој период да немаме натпревари, да може максимално да се посветиме и тактички и технички само на мечот со АЕК. Меѓутоа мислам дека и овој дел доста допринесе, но сето тоа искуство еве го пренесувам од моите омилени тренери. Иако, во клубот имаме и психолог кој што работи на индивидуален план со нашите ракометари“ – вели Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

