Џузепе Роси дефинитивно е најмалерозниот фудбалер во светот откако италијанскиот ас денеска заработи нова повреда на коленото. Откако пред само неколку дена постигна два гола за едно полувреме за Селта и најави камбек во старата форма, Италијанецот го почна денешниот дуел со Еибар, но потоа самиот побара замена жалејќи се на силна болка во пределот на левото колено.
„Се уште сме во исчекување на резултатите од деталните прегледи. Она што можам да го кажам е дека Роси чувствува силна болка, поради тоа стравуваме дека повредата е многу сериозна. Од друга страна, можно е тој да е само исплашен, што би било сосема разбирливо“ – изјави клупскиот лекар на Селта, Хуан Кота.
Џузепе Роси важеше за еден од најталентираните италијански голгетери, но повредите го спречија да изгради блескава кариера. Тој досега имаше три тешки повреди и операции на колената, две како член на Вилјареал и една додека го носеше дресот на Фиорентина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА