Големиот ас на универзитетот Дјук, Купер Флег, ги отстрани сите дилеми околу иднината откако денеска објави дека ќе се пријави на претстојниот НБА-драфт.
Флег важи за убедливо најдобар кошаркар од новата американска генерација, тој имаше зад себе импресивна сезона во НЦАА во која беше најдобар во својот тим по бројот на поени, скокови, асистенции, блокади и украдени топки. Дјук шокантно загуби и остана без трофејот во „мартовското лудило“, но останува фактот дека Флег е суперталент кој би можел да остави силен печат врз најсилната лига во светот. Тој има 208 сантиметри и природна позиција му е крилен центар, но Купер импресионира со подвижноста, па сезонава за Дјук настапуваше буквално на сите позиции во тимот.
Американците се повеќе се фрустрираат поради фактот дека во лигата доминираат Србинот Јокиќ, Словенецот Дончиќ и Канаѓанецот Гилџус Александер, па во Флег гледаат играч кој би можел да доминира во наредниот период во најсилната лига на светот, нешто што до пред некоја година го најавуваа и за Зајон Вилијамсон, кој се покажа како големо промашување.
Речиси сигурно е дека Купер Флег ќе биде избран како прв пик на драфтот закажан за 25 јуни, но кој ќе биде прв тим што ќе избира ќе биде познато по драфт-лотаријата закажана за 12 мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА